Библиотеката ги информира учениците од општина Гевгелија дека можат да станат членови на Библиотеката со зачленување секој работен ден од 7,30 до 18,00 часот. Членарината изнесува 150 денари, а на секои 15 дена можат да се зајмуваат по две книги.
Анкетата што ја спроведе Библиотеката од Гевгелија во врска со настаните од областа на културата потврдија дека на Гевгелија и се потребни повеќе културни збиднувања. На анкетата која беше поставена на веб страницата www.biblioteka.edu.mk, дури 77 % од оние кои дале одговор тврдат дека Гевгелија е сиромашна со културни настани, а само 23% од испитаниците одговориле дека бројот на настаните за овој град е доволен. На културниот информатор пак, што е поставен исто така на овој веб сајт граѓаните можат да се запознаат со содржините на манифестациите што се организираат во Гевгелија, но и лесно може да се воочи дека од почетокот на 2008 година па до денес бројот на културните настани е зголемен. Ова се должи на конкурсот што го распиша Општина Гевгелија за финансирање на проекти од областа на културата, а на кои можеа да аплицираат правни лица и невладини организации што се занимаваат со култура и уметност. Поголем број проекти одобрени од Општината веќе се реализирани, а во најава се и останатите до крајот на годината. Од друга страна пак јавните институции од културата веќе редовно организираат манифестации во доменот на своето работење. Во иднина доколку продолжи ваквиот тренд на работење Гевгелија сепак ќе може да се пофали со доволно настани кои ќе го дополнуваат културното опстојување на граѓаните. Единствено и понатаму ќе остане нерешен проблемот со театарскиот живот во градот кој години за ред е запоставен од различни причини.
Наредната анкета која ја поставува Библиотеката на својот веб сајт е поврзана повторно со културата и тоа дали Гевгелија треба да има културно лето , односно возообновување на Гевгелиското културно лето „Трба трби“
Карван на книгата 2008
Библиотеката од Гевгелија во соработка зо Издавачкиот центар „ТРИ“ го организираше летниот саем на книгата насловен како Карван на книгата 2008. Ова е втор саем на книгата што го организира Библиотеката од Гевгелија во летниот период, а четврт во низата од саеми за овие две изминати години. Во деновите од 23 јуни до 26 јуни љубителите на убавиот пишан збор имаа можност по намалени цени да набават книги кои во моментот се барани. По примерот на многу светски издавачи и овој Саем се одржа на отворено, пред просториите на Библиотеката во Гевгелија, со цел книгата да биде попристапна и поблиску до читателите. Според понудата на книги читателите се задоволни од изборот и двојно намалените цени кои годинава за волја на вистината беа пониски и од саемските.







